ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ не ја прифати понудата од Владата да ги формулира уставните промени

ВМРО-ДПМНЕ нема да назначи свои претставници во работната група во Министерството за правда што ќе ги крои уставните амандмани. Од партијата ваквиот став го повторија и откако вчера во телевизиско интервју, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека Владата е подготвена да и понуди на опозицијата таа да ги формулира уставните измени.

Advertisements

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, нема да учествува во такви работни групи од причина што ова е нелегитимен процес и многу пати сме кажале и апелирале до власта да не се впушта во вакви процеси, каде што од граѓаните нема апсолутно никаква поддршка“, рече Марија Митева – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија го повторија ставот дека уставни измени во овој парламентарен состав, под бугарски диктат, нема да има.

Од Министерството за правда не откриваат повеќе детали каков ќе биде составот на работната група и кога таа ќе започне со работа. Неофицијално, до крајот на неделава или на почетокот на наредната Министерството ќе ги покани учесниците. Од она што е познато е дека ќе бидат повикани експерти за уставно право, но и претставници на сите парламентарно застапени партии, вклучувајќи ги и опозициските.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно порача опозицијата стратешки да размислува и одлуките што ги носи да соодвествуваат на декларативните заложби. Според последните информации, во Уставот се очекува да бидат внесени Бугарите, Хрватите, Црногорците и Евреите. Процесот е најавен да влезе во собраниска процедура во мај или јуни, а да заврши до ноември, кога завршува и скрининг фазата, по што се очекува втора Меѓувладина конференција од преговорите за членство во Унијата.
Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button