ВМРО-ДПМНЕ: Негрижа за здравјето на народот, зависиме од милостина

Фијаско и негрижа за здравјето на населението. Вака од ВМРО ДПМНЕ го коментираат тоа што во земјата сè уште не е започната вакцинација против ковид 19. Опозицијата тврди дека никој нема повеќе смртни случаи по глава на жител од Македонија и бараат премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче да понесат одговорност. Денешната донација на вакцини од Србија ја нарекоа милостина. Од СДСМ велат дека на денот кога земјава ги добива првите вакцини, ВМРО ДПМНЕ продолжува да се однесува деструктивно. Поради неодговорното и незрело однесување, шест пати губат на избори и уште долго ќе седат во опозиција, се вели во соопштението на владејачкиот СДСМ.
„Со Зоран Заев и Венко Филипче, Македонија е осудена да живее и зависи од хуманитарна помош и милостина на Србија. Србија секојдневно вакцинира 30.000 луѓе. Само во Врање вчера се вакцинирани илјада луѓе. Тоа зборува за размерите на фијаското кое ни се случува, а само пред 7 – 8 години Србија беше земјата која учеше инвестиции и економија од Македонија. Македонија целосно потфрли, има најмалку вакцинирани на светот, а има најмногу починати од коронавирусот“, рече Влатко Ѓорчев – ВМРО-ДПМНЕ.