ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ: ОЈО да поведе постапки против Спасовски за пасошите

ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од екс-министерот Оливер Спасовски и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, поради, како што велат, хаосот со издавањето на лични документи. Според опозицијата, Спасовски треба да одговара за несовесно работење во службата зашто дозволил да се издаваат патни исправи, иако бил свесен дека тие ќе станат неважечки пред определениот рок на истек назначен во пасошите. Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа да реагираат и Обвинителството, но и Народниот правобранител.

„Очекуваме од Јавното обвинителство и Народниот правобранител да поведат постапки против Спасовски и Ковачевски, но и Владата во целост, кои ја доведоа целата нација во заблуда и материјален трошок. Загрозени се основните човекови права и само поради власта во заминување на СДСМ и ДУИ, голем број на граѓани не можат слободно да се движат надвор од Република Македонија“, рече Игор Јанушев – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Засега нема одговор од Обвинителството и Омбудсманот на повикот на опозициската партија. Од ВМРО-ДПМНЕ уште обвинија и дека Спасовски и Ковачевски не обезбедиле навреме ниту обрасци за документите.

Во меѓувреме, претседателот на СДСМ истакна дека на ваквата состојба влијаела пандемијата и изрази жалење за проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

„Имавме две години пандемија, којашто ги наруши и каналите на снабдување, ги наруши и голем број на производствени процеси во фабриките што произведуваат документација, а секако и можноста за брзо издавање на документи, со оглед на тоа дека две години имавме мерки на физичко разграничување на граѓаните“, рече Ковачевски.

Ковачевски индиректно спомена дека на состојбата влијаеле и, како што нагласи, популистичките изјави на дел од политичарите кои повикувале граѓаните да не ги заменуваат документите, зашто тие ќе го врателе старото уставно име, но сега кога станале дел од власта воопшто не зборуваат за повторна промена на Уставот.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button