ВМРО-ДПМНЕ повика на итна истрага за палењето на викендичката на Пандов

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро го осуди палењето на викенд-куќата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, оценувајќи го како обид за заплашување и замолчување.
Според партијата, Пандов е цел на напад бидејќи застанал во отворена борба против криминалот и корупцијата.
„Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат. Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму повикаа на итна и брза реакција од институциите за случајот бидејќи, како што велат од партијата, ваквото девијантно однесување мора да биде санкционирано.
„Времето на палење куќи, автомобили, уцени и закани заврши – за секој одговорен и инволвиран во вакви настани ќе следува одговорност“, додаваат од партијата.