ВМРО-ДПМНЕ: Со неизјаснувањето за уставни измени со одложено дејство СДСМ ѝ помага на Бугарија

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку две писмени соопштенија повторно го повика СДСМ да се изјасни која од двете понуди што партискиот лидер Христијан Мицкоски ги изнел на средбата со премиерот Димитар Ковачевски. Од опозицијата во првото соопштение велат дека има два можни одговори на прашањето зошто владејачката партија досега не кажала кој предлог е прифатлив за неа.
„Една веројатност е дека не ја дава ДУИ да оди во опозиција, затоа што Ковачевски и неговите сопартијци се држат како заложници и се уценети за нивните коруптивни дејанија. Втората веројатност е дека СДС не ги прифаќа предлозите на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи планира во текот на преговорите да подготви ново национално предавство, односно е спремна да ги дораскрчми националните интереси, да прифаќа нови барања од Бугарија и целосно да го срози македонскиот иденитет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму повторуваат дека нивните позиции се јасни.
„Нема да има Уставни измени по бугарски диктат. Јасно е дека власта на СДС нема двотретинско мнозиснтво и нема да го има додека не застане во одбрана на националните и државните интереси. Јасни се и предлозите на ВМРО-ДПМНЕ кои му беа кажани на Ковачевски, и конечно треба да каже дали и кој предлог на ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа. Без заобиколување СДС треба да даде конкретен одговор“, се наведува во соопштението.
Во второто соопштение, од опозициската партија велат дека СДСМ со тоа што не се изјаснува за уставните измени со одложено дејство и помага на Бугарија во намерата за национално обезличување и кажува дека ова не е последната уцена на патот кон ЕУ.