ВМРО ДПМНЕ: Власта нема мнозинство за уставни измени, потребни се избори

ВМРО-ДПМНЕ вели дека откако премиерот не им одговорил на нивните барања, останува единствената опција – предвремени парламентарни избори. Ова го потврди и партискиот лидер Христијан Мицкоски кој рече дека СДСМ нема одговор на двете опции и единственото решение се избори. Во однос на уставните измени, односно дали партијата би гласала за уставни измени, па патоа да се оди на избори, од ВМРО ДПМНЕ одговорија:
„Прецизен и конзистентен е ставот на ВМРО-ДПМНЕ – уставни измени под бугарски диктат нема да се случат и нема да прифатиме. Власта нема мнозинство и затоа единственото решение се предвремени избори за спас на Македонија“, рече Марија Митева – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, социјалдемократите обвинија дека честото менување на ставовите на Мицкоски не говори добро за него. Од партијата повторија дека е добро да се изгласаат уставните измени, со што би се побила бугарската теза за еден народ во две држави и притоа ќе продолжи процесот на присоединување кон ЕУ за Македонија.
„Мицкоски има единствена прилика да се приклучи на процесот на реализација на стратешката цел за членство во ЕУ. Ако ја прокоцка и оваа шанса, тогаш дефинитивно ќе биде запаметен како заложник на Апасиев, како полиитичар кој секогаш, без исклучок, не поддржал ниту една одлука за иднината на земјата и правел се за да го закочи напредокот на државата“, велат од СДСМ.
Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски претходно истакна дека постапката за уставни измени се очекува да влезе во Собранието во првата половина на следниот месец, односно во следните 10 до 15 дена, а првото гласање за кое е потребно двотретинско мнозинство да биде кон крајот на јули. Претходно, спикерот Талат Џафери истакна дека е подготвен Собранието да работи и во август доколку се оствари процесот на уставни измени иако тогаш е предвидено пратениците да се на одмор.
Според информациите, во однос на двата предлога на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски бил подготвен да влезе во Владата, но без учество на ДУИ, а евентуалните уставни измени да важат од моментот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот договор за влез на Северна Македонија во ЕУ. Вториот предлог на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој тој го спомена беше да се оди на предвремени парламентарни избори наесен, а до тогаш да се формира влада на широко национално единство без ДУИ. Но, со услов поразениот на изборите да го поддржи победникот и да се бара гаранција од ЕУ за македонскиот идентитет.
Лука Андреев