ВМРО и Алијанса: „Да се намалат акцизите за горивата“
ВМРО и Алијанса: „Да се намалат акцизите за горивата“

Со барање за итна седница упатено до претседателот на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ очекува брзо разгледување на нејзините предлог-закони за ублажување на економската криза и спречување на натамошно поскапување. ВМРО-ДПМНЕ предлага акцизите за нафтените деривати да се преполоват за 50 отсто и ДДВ-то наместо 18 отсто, како што е сега, да се намали на 5 отсто.
Од Алијанса за Албанците сè уште не одлучиле во каква форма ќе се залагаат за прифаќање на нивните барања. За нив не е важно дали со амандмани ќе ги дополнат предлозите кои се веќе во Собранието или ќе поднесат посебни предлог-закони. Сепак, имаат јасни барања. Алијанса предлага ДДВ-то од 18 да се намали на 5%, акцизата за бензините да падне од 22 на 15 денари, а на дизелот од 15,5 на 9 денари. Освен тоа, албанската опозиција бара да се намали и маржата за трговија и складирање од страна на продавачите на мало во фиксна вредност од 3 денари.
„Не го разбираме ова временско доцнење. На 8-ми е најавена расправата во Комисијата за ребаланс на буџетот. Го спомнувам ова затоа што рекоа оти во ребалансот на буџетот ќе има антикризни мерки, 10 дена трае расправата во Комисијата за финансирање и буџет, 5 дена е расправата на пленарна седница. Поминаа 15 работни дена, додадете ги и викендите, 21 ден. Но, за што се тие мерки? Ги гледаме долгите колони на бензинските пумпи, ги гледаме поскапувањата на основните прехранбени производи…“, изјави Елми Азири- Алијанса за Албанците.
Засега нема најава од Кабинетот на претседателот на Собранието дали овие предлози ќе се разгледуваат итно како што бара опозицијата.
Фатлуме Дервиши