ВМРО и Левица со интерпелација за Талат Џафери бидејќи држеше говор на албански во Брисел

Овој говор на претседателот на Собранието Талат Џафери е една од причините поради кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа интерпелација против него. Тие сметаат дека претседателот на Парламентот, зборувајќи на албански во Комисијата за надворешни работи во Европскиот Парламент, ги прекршил Уставот на државава и Законот за употреба на македонскиот јазик.
Двете партии додаваат дека има и уште повеќе причини поради кои Џафери треба да одговара пред пратениците и тие се наведени во иницијативата. Според нив, Џафери не ги почитува процедурите според Деловникот, не воспоставува ред, не го спроведува календарот за седниците и ги прекршува законите дозволувајќи двајца пратеници со одлука за изолација од Ковид, да дојдат во салата.
Од ВМРО и Левица негодуваат и дека сите собраниски материјали ги добиваат на македонски на албански, па Левицата дополнително побара ова прашање да го провери специјална комисија во Министерството за култура. Засега Талат Џафери не ја коментира поднесената интерпелација.
Фатлуме Дервиши