ВМРО ја критикува власта за „летачката“ Миликије која слета на директорска функција на Аеродромите

ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја критикува власта за именувањето на поранешната градоначалничка на Арачиново, Миликије Халими на директорската функција во Акционерското друштво „Аеродроми“. Имено, откако ѝ истече мандатот во Арачиново, СДСМ ја именуваше за инспекторка во Царината иако има само средно образование. Сега стана директорка на аеродромите во државава, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Кои се нејзините квалитети? Дали го има соодветното знаење, вештини и искуство? За срамот да биде уште поголем, Халими ѝ се заблагодари на СДСМ за кадровскиот избор што го направила нејзината партија. Ова е срам за СДСМ, за Владата и за Македонија, велат од ВМРО и додаваат дека за аеродромските услуги во Македонија ќе одлучува лице со средно медицинско школо. Токму поради ваквите вработувања се урива системот и младите ја напуштаат државата, додаваат од партијата на Мицкоски.