ВМРО: Ковачевски да побара одговорност од Мерко

Премиерот Димитар Ковачевски и денеска јавно не побара оставка од првиот човек на Струга, Рамиз Мерко, по ставањето на американската црна листа за корупција. Но, премиерот го истакна фактот дека Мерко веќе се изјаснил дека општината е отворена за соработка со истражните институции.
Според ВМРО-ДПМНЕ, премиерот треба да бара одговорност од Мерко.
„Мерко има обврска да соработува со институциите и тоа не треба да се оквалификува како негова добра волја како што тоа го прави Ковачевски. Јавното обвинителство и другите институции, доколку отворат случај, имаат право да ја проверат општата документација на општина Струга и се што е поврзано со Мерко, а Мерко не одлучува дали ќе им дозволи или не. Ковачевски наместо да се потчини на ДУИ, како што тоа го прави откако стана премиер, треба да бара одговорност од Мерко“, велат од ВМРО.
Премиерот не кажа дали разговарал со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети за случајот Мерко, а одговорноста за непостапувањето против Мерко директно ја префрли кај истражните органи.
Фатлуме Дервиши