
Откажаната Еврообврзница од страна на власта во Скопје е невиден преседан и сериозен потрес во светскиот финансиски пазар. Со ваквиот потег Македонија станува несериозна држава во очите на инвеститорите, обвинува опозицијата. Според ВМРО, власта дека плански го изрежирала ова сценарио зошто што еврообврзницата се издавала во време кога се реконструира Владата во која токму еден од министрите-потписници требаше да биде разрешен.
„Сметам дека ова навистина ќе значи намалување на кредитниот рејтинг на Република Македонија, во коешто во наредно издавање ќе нè чини многу поскапо од аспект на каматите“, рече Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО во прашање сега се доведува отплатата на долговите, а при издавањето на нова обврзница ќе треба да се платат истите давачки кои веќе биле платени пред неколку дена. Опозиционерите се сомневаат дека веќе поранешниот министер за правда Никола Тупанчевски се плашел да потпише бидејќи знаел дека парите ќе биле потрошени незаконски. Но, од министерството велат дека Тупанчевски немал обврска да ја потпише.
„Со оглед на тоа што Тупанчевски не е министер за правда од 13 февруари, тој нема право да стави потпис како министер“, велат од Правда.
Премиерот пак, вели дека не е ништо страшно. Владата ги известила инвеститорите дека станува збор за административна пречка.
„Таа ќе биде повторена и ќе биде исто така успешна како што беше и претходната, штом ќе биде завршена реконструкцијата на Владата“, рече Ковачевски.
Пред пет дена од Министерството за финансии соопштија дека издале Еврообврзница тешка 600 милиони евра со каматна стапка од 6,25 отсто и рок за враќање од четири години. Експертската јавност денеска реагира дека новата обврзница сега со сигурност ќе биде со повисока камата, а тоа значи дека ваквиот несериозен пристап на власта, граѓаните дополнително ќе ги задолжи.
Иле Петревски