
ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да им објасни на граѓаните зошто презела обврска да плати 53 милиони евра пенали на конзорциумот „Бехтел – Енка“ овој месец и вкупно 196 милиони евра на име на казни само поради неуспехот да го смени Законот за работни односи каде требаше работната недела да се зголеми од 40 на 60 часа. Од ВМРО бараат Владата да објасни што конкретно пишува на страница 427 од Договорот и кога ќе ја платат првата казна од 53 милиони евра.
На овие обвинувања од ВМРО реагираа од ДУИ. Тврдат дека станува збор за лага.
„Ниту се исплатени 53 милиони евра, ниту се реализира нешто од она што го спомена и најави ВМРО. Граѓаните паметат дека ВМРО ќе победеше на парламентарните избори во 2020 година со разлика од 10 пратеници или оти во три случаи за време на овој мандат имаа 61 пратеник за уривање на Владата. Да не споменуваме и дека мигранти ја преплавија Македонија и други слични лаги на ВМРО како денешната, која ја повторува веќе еден месец, а никако да се оствари“, наведуваат од ДУИ.
На 8 март беше потпишан договорот меѓу Владата и „Бехтел – Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10Д. Проектот се планира за над 1,3 милијарди евра. Дополнителни 300 милиони, според првичните проценки, ќе чини експропријацијата на имотите долж трасите. Според најавите, просечно ќе се градат по 25 километри годишно, а еден километар ќе чини 12 милиони евра.
Мефаил Исмаили