ВМРО не прифаќа амбасадорите на Македонија да може да имаат и друго државјанство

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги блокира предлог-измените во Законот за надворешни работи, каде за амбасадор се дозволува да има и друго државјанство освен македонското. Како што најави на фејсбук, пратеникот на ВМРО, Антонио Милошоски, тој заедно со други пратеници од партијата, ќе поднесат 300 амандмани на предложеното решение. Според него, ова е обид законот да се прилагоди на неколку, како што вели персонални решенија, на владините партнери за пополнување на амбасадорските позиции. Милошоски објави дел од амандманите кои ќе ги поднесат за блокада на законот. Дел од нив се „Лице кое има државјанство на Република Бугарија не може да биде именуван за амбасадор на Хеленската Република“, „Лице кое има државјанство на Република Косово не може да биде именувано за амбасадор на држава со која Република Косово има нерешени територијални спорови.“
Дополнително, како што пишува Милошоски, амбасадор да има и друго државјанство е спротивно и на Законот за класифицирани информации. Според него, таму се наведува дека предуслов за кандидатот за амбасадор да добие безбедносен сертификат со степен „државна тајна“ е да не е државјанин на друга држава. За предлог-измените во Законот за надворешни работи реагираа и од Македонскиот дипломатски синдикат (МДС), кои не ги прифатија и побараа да бидат повлечени од понатамошна процедура.
Alsat