ВМРО: Обвинителството на чело со Абази нема да покрене истрага против Груби

ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека Обвинителството за организиран криминал на чие чело е Ислам Абази ќе покрене истрага за аферата со возилото што го користеше вицепремиерот Артан Груби. Партијата денеска објави документи и вели дека снаата на Абази лани била вработена од страна на Груби токму во Министерството за политички систем кое тој го предводи.
„Ова е документот од четврти април 2022 година, одлука потпишана од Артан Груби за вработување, каде што на третата страница е името на снаата на Ислам Абази. Од тука, Шпреса Абази експресно преминува во Агенцијата за електронски комуникации“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Стоилковски, изјавите на Али Ахмети и Артан Груби за сеопфатна истрага за ДУИ и останатите функционери се само декларативни, бидејќи, како што вели, двајцата се сигурни дека против нив нема да биде покренато ништо.
„Ислам Абази е нем пред фактите за криминал, па дури и ја прекина комуникацијата со Државната комисија за спречување на корупција. Потсетуваме дека за изборот на Абази, којшто од непознат обвинител, со тајно гласање, беше избран за јавен обвинител за организиран криминал и корупција, реагираше и меѓународната заедница“, додава Стоилковски.
Возилото вредно 80 илјади евра што го користеше вицепремиерот Груби, пред осум дена беше опожарено, а сторителите не се пронајдени. Груби оцени дека палењето на автомобилот е закана кон него. Ова луксузно возило, марка Ауди, не е наведено во анкетниот лист на Груби и не се води на негово име, туку на негов пријател, од кој вели дека го позајмувал.
Пред антикорупционерите Груби единствено пријавил Цитроен Ксара, произведен во 2001 година, со вредност од илјада евра. Претходно од Обвинителството соопштија дека за проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е надлежна Државната комисија за спречување на корупцијата, а доколку проверките доведат до елементи за кривично дело кое се гони по службена должност, Обвинителството ќе постапи согласно своите законски овластувања.
Лука Андреев