ВМРО обвинува – Бугарија го води орото, Македонија само гледа

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека Скопје и Софија не се две рамноправни страни во преговорите. Според македонската опозициска партија, бугарската влада го води процесот, а нашата влада е нем набљудувач. Згора на тоа, ВМРО не го гледа за засходно да се формираат повеќе работни групи меѓу двете земји, бидејќи велат дека спорот е историски, а воопшто не е економски или инфраструктурен.
Ставовите на опозициските функционери беа соопштени на трибината на тема „Заштита на националните и државните интереси наместо дипломатија од пазар“ во партиската зграда. Гордана Силјановска Давкова рече дека земјата не треба да повторува дека нема територијални претензии кон соседите бидејќи тоа е дел од Уставот уште од 1992 година.
СДСМ реагираше на трибината на ВМРО-ДПМНЕ. Опозициските изјави ги нарекоа лажни, а обвинувањата рециклирани. Според нив, лидерот на партијата Христијан Мицкоски требало да се појави пред граѓаните и да ги информира за што разговарал на средбата со бугарскиот премиер.
„Дали Мицкоски му ги постави на бугарскиот премиер Кирил Петков прашањата за кои им зборуваше на медиумите? Што кријат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од средбата со Петков? За што разговарале на таа средба? Граѓаните претходно на средбата на Мицкоски со Бојко Борисов видоа дека тој го менува ставот кога се среќава со официјални лица. Дали беше така и на средбата со Петков?“, велат од СДСМ.
Владата од Скопје во понеделник ќе отпатува за Софија, каде во вторник ќе се одржи меѓувладината седница. Во рамките на средбата ќе се формираат четири нови работни групи и ќе се потврди продолжувањето на работата на петтата група, онаа за историја. Премиерот Димитар Ковачевски имаше работни активности во текот на денов, но медиумите не беа поканети. Поради тоа јавноста нема никакви детали за темите што ќе се отворат во вторник.
Фатлуме Дервиши