ВМРО: Поранешниот министер за здравство, Венко Филипче иако не смеел, дозволил изградба на модуларни болници со неогноотпорни материјали
ВМРО: Поранешниот министер за здравство, Венко Филипче иако не смеел, дозволил изградба на модуларни болници со неогноотпорни материјали

Иако не смеел, Венко Филипче дозволил изградба на модуларни болници со неогноотпорни материјали со што ги направил модуларните болници запаливи за секунда, велат денеска од ВМРО-ДПМНЕ, како продолжение на вчерашните обвиненија против лидерот на опозицијата, а според кои модуларните болници во земјава биле бесправно градени. Модуларните ковид амбуланти не можеле да добијат одобренија за работа бидејќи, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, тие биле набавени како стоки.
„Светска банка барала да види одобренија за поставување и употреба на модуларните болници и извод од Катастар, со цел за да се покаже одржливост на проектот. Но, одобрение не можела да издаде ниту општината, ниту Министерството за транспорт и врски, бидејќи не е запазена процедурата и одредбите од Законот за градење. Катастарот одбивал да врши упис на истите, бидејќи се набавени како стоки„, рече Валентин Манасиевски, ВМРО-ДПМЕ.
По пожарот во модуларната болница во Тетово кога живи изгореа 14 луѓе на обвинителната клупа се најде и беше осуден тогашниот економски директор на болницата Артан Етеми, за кого владејачката партија сега тврди дека тој до последен момент бил против поставувањето на модуларните амбуланти.
„Економскиот директор на Тетовската болница, каде што се случи пожарот, до последен момент се противел на поставување на модуларните болници, бидејќи не се опремени за да се издава здравствена и медицинска нега ниту пак биле во рамките на законските прописи. Сепак, со одлука на Министерството за здравство и тогашниот министер Венко Филипче, модуларните болници се пуштаат во употреба. Клучен факт е дека во моментот на критичниот настан, модуларната болница во Тетово нема одобрение ниту за поставување, ниту за употреба од Министерството за здравство„, додаде Валентин Манасиевски, ВМРО-ДПМЕ.
На крајот на овие обвинувања ВМРО-ДПМНЕ го прашува обвинителството зошто Филипче не е опфатен во овој случај, а за утре најавуваат нови детали од оваа наводна афера и тоа во делот на договорите меѓу Министерството за здравство и носителот на набавката за модуларните болници./Алсат.мк
Михаило Донев