ВМРО прифати средба за датумот за избори

ВМРО-ДПМНЕ прифаќа тимови на партиите да седнат на иста маса за да го договараат датумот за избори. Ова денеска го соопшти претседателот на партијата Христијан Мицкоски, по вчерашната понуда од страна на премиерот Димитар Ковачевски ова прашање да се разговара на ниво на работни групи, а не на лидерска средба како што бараше опозицијата. Одговарајќи на прашање, Мицкоски воедно ги повтори обвинувањата на адреса на Ковачевски – дека бил кукавица, бегал од предвремени избори и бил помал партнер во коалицијата со ДУИ. Од друга страна пак, Ковачевски праша дали токму опозицијата барала средби со функционерите на ДУИ.
„Дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и членови на негово високо раководство и колку пати во последните шест месеци барале и оствариле средби со лидерот и високи функционери на ДУИ и на тие состаноци, доколку ги имале, за што разговарале?“, рече Ковачевски.
„Бидејќи тој поставува прашање, претпоставувам го знае одговорот. Инаку, мојот одговор е ниту една, ниту една. Ниту сум барал, ниту имам намера да барам средба со лицето коешто го споменува Ковачевски, но јавно барам лидерска средба“, рече Мицкоски.