ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО против премиер од ДУИ

ВМРО-ДПМНЕ го повика СДСМ да се укине т.н. техничка Влада што се формира сто дена пред одржувањето на парламентарните избори. Според опозициската партија една од причините за ваквата понуда е владејачката ДУИ да не го именува новиот технички премиер. Исто така, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека техничките влади се неефикасни и нефункционални и единствено граѓаните ја плаќаат цената на овие политички пазарења.

Advertisements

„ВМРО-ДПМНЕ како најодговорна политичка партија кон граѓаните и државата, е спремна да се откаже од техничка Влада, само ДУИ, дувлото на криминалот, да нема технички премиер. ДУИ со месеци е во епицентарот на сите криминални скандали кои ја тресат Македонија. Партија во која не остана неискомпромитиран и некриминализиран кадар не може да го даде техничкиот премиер на државата“, рече Миле Лефков – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија дали сепак ќе назначат свои технички министри, ако владејачките партии им ја отфрлат понудата за укинување на техничката Влада. Единствено кажаа дека прво ќе го почекаат одговорот од СДСМ.

Претходно во текот на денот социјалдемократите ова прашање го оставија за разгледување во работни групи во Собранието.

„Формирани се работни групи коишто интензивно наредниот период ќе разговараат за сите оние процеси коишто се потребни за нормално одвивање на изборниот процес. Премиерот Ковачевски вчера најави многу скоро и средба во Собранието со сите претставници на политички партии, односно нивните претседатели, така што сметам дека сите овие детали ќе се договорат во следниот период“, рече Лидија Тасевска – пратеничка на СДСМ.

Вчера Ковачевски повтори дека сè уште е во сила решението за формирање на техничка влада. Тој додаде дека парламентарните избори би се одржале во мај, што значи дека ваквата влада би требало да се формира кон крајот на јануари или пак во февруари. Дотогаш и ДУИ треба да предложи кандидат за премиер, чие име ќе биде усогласено со коалициските партнери.

Лука Андреев

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button