ВМРО: Првото ветување е исполнето, ДУИ оди во опозиција

Односот на ВМРО-ДПМНЕ кон ДУИ нема никаква врска со односот кон Албанците, велат од партијата на Мицкоски, како реакција на прес-конференцијата на Ахмети. Според нив, ако излегувањето на ДУИ во опозиција е кршење на Рамковниот договор, тогаш и Али Ахмети го прекршил кога одлучил да ја остави ВМРО-ДПМНЕ надвор од владата и не го почитувал резултатот од изборите во 2016 година. Ако Ахмети мисли дека новите и антидржавни етнички барања преточени во документи и платформи ќе го спасат од одење во опозиција, и прикривање на криминалот на неговата партија, но треба да знае дека тоа брзо ќе стави крај на неговата кариера, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема ниту мајоризација, ниту шовинизам, ниту е важно што Ахмети се почувствува навреден, важно е дека волјата на мнозинството е ДУИ да оди во опозиција и да се соочи со одговорноста. Почитувањето со Охридскиот договор нема никаква врска со тоа дали ДУИ е на власт или во опозиција. Ахмети не треба да се однесува како разгалено дете кое плаче за играчка која не е негова, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не е СДС, ниту заминувањето на ДУИ има некаква врска со односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Албанците. Бидејќи ДУИ не се само Албанци во Македонија, ДУИ е сегментот што има украдено и од Албанците и од Македонците“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВЛЕН велат дека се легитимен претставник на Албанците од овие избори. Лидерот на Беса, Билал Касами, вели дека на претстојните избори Ахмети треба да се натпреварува со само албански листи.
Новиот претседател на Собранието, Африм Гаши, во интервју за Алсат ја коментираше одлуката на ДУИ да излезе од салата и да го бојкотира неговиот избор.
„Не сакам да коментирам, тоа е нивна работа. Тие сега влегоа во фаза на опозиција. Го почитувам нивниот став, но легитимитетот е очигледен. Ова прашање е јасно. ВЛЕН со 107 илјади гласови го доби целосниот легитимитет на Албанците. Јас сум многу отворен за соработка со која било политичка партија и го кажувам ова со најголема искреност. Ќе имаат многу простор во собранието. Постојано ќе се обидувам да им дадам простор за опозициско делување, за критика, за воведување точки од дневниот ред…“, рече Гаши.
Гаши беше избран со 76 гласа „за“, но без присуство на пратеници од Европскиот фронт.
Фатлуме Дервиши