ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО со порака до Сарацин: „30 години правиме отстапки“

Дипломатската офанзива не го менува ставот на ВМРО-ДПМНЕ околу евентуалната поддршка за уставните измени. Средба со пратениците од опозицијата денеска оствари специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој е во днодневна посета на земјава. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски истакна дека пратениците од опозицијата не го менуваат ставот.

Advertisements

Тие на Сарацин му кажале дека според дел од истражувањата на јавното мислење, дури 85% од Македонците се против, како што вели, наметнатото барање за промена на Уставот. Прашан за аргументите на германскиот претставник кој побарал ВМРО да гласа за уставните измени, но и пораката од високиот претставник на САД, Габриел Ескобар, кој кажа дека опозицијата треба да го поддржи европскиот пат на земјава, а не да дава поддршка на премиерот, Милошоски одговори:

„Триесет години Македонија прави отстапки, триесет години имаме емисари од многу европски земји коишто секогаш тврдат дека уште ова барање кое е последно треба да се исполни и утре станувате членка на ЕУ или почнувате преговори… Многу такви отстапки се направени, но дадените ветувања не се исполнети“, рече Антонијо Милошоски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Милошоски, за лицата од дипломатскиот корпус е многу полесно да нудат решенија, отколку граѓаните да ги прифатат. Сарацин ќе замине од земјавата без изјава за медиумите, но според информации од владејачкото мнозинство, тој им порачал на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласаат уставните измени до септември годинава.

Сарацин денеска оствари средби со најголемиот дел од пратениците, а вчера и со претставници од државниот врв. Освен со претседателот Стево Пендаровски, во отсуство на премиерот Димитар Ковачевски, Сарацин се сретна со првиот вицепремиер Артан Груби, а на средбата било истакнато дека уставните измени се неопходен чекор кон европската иднина.

Во меѓувреме, останува нејасно прашањето зошто се одолговлекува работењето на експертската група формирана за кроење на уставните амандмани. Тие се немаат сретнато од четвртокот минатата недела, а за в петок е најавена нова средба на која се очекува да усвојат деловник за работа.

Согласно она што го посакува власта, уставните измени би требало да се завршат до ноември годинава, кога завршува скрининг фазата, а потоа автоматски да започне отворањето на преговарачките поглавја. Од опозицијата повторија дека овој парламентарен состав нема легитимитет за уставни измени и оти тоа, според нив, нема да се случи.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button