ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО во петок ќе учествува на седницата за уставните промени

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на почетокот на пленарната седница в петок за потребата за отворање на Уставот и најавија дека ќе го повторат ставот против уставните измени. Ова стана јасно по средбата на пратениците со партискиот претседател Христијан Мицкоски, на која била дефинирана стратегија за претстојниот период. Повеќе детали не открија, освен што в петок ќе настапат исто како и на неодамнешната комисиска расправа за иницијативата за уставните измени. Имено, тие таму само го кажаа партискиот став и потоа не учествуваа во расправата. Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа власта да не одолговлекува и точката веднаш да се стави на гласање ако смета дека има двотретинско мнозинство.

Advertisements

„Нашиот став е кажан и на Комисијата за уставни измени, каде аргументирано кажавме дека власта турка процес којшто не е поддржан од граѓаните. Истото ќе го повториме и на пленарната седница. Оваа седница ќе биде добра можност да се увери целокупната јавност дека власта цела една година лаже, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени“, рече Никола Мицевски – ВМРО-ДПМНЕ.

Координаторот Никола Мицевски истакна дека нема притисоци врз пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, туку дека има поддршка од страна на граѓаните да не ги гласаат уставните измени.

Од друга страна, од СДСМ повторно апелираа опозицијата да ја искористи, како што велат, последната шанса.

„Предлогот е доставен од страна на Владата. Јас очекувам сите 120 пратеници да се стават на висината на задачата, да ја сфатат одговорноста којашто сите ја имаме пред граѓаните. Можеби ова на Мицкоски му е последната можност да се приклучи кон проевропскиот блок“, рече Фаница Николовска – СДСМ.

Пленарната седница е закажана за во десет часот и може да трае најмногу десет дена. Но, постои и можност спикерот Талат Џафери да ја прекине, а продолжението да биде кога евентуално ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство. Претходно, расправата во Комисијата за уставни прашања заврши за експресни два часа бидејќи опозицијата не учествуваше во расправата. Инаку, според договореното меѓу Скопје и Брисел, втората меѓувладина конференција од преговарачкиот процес со Европската Унија ќе бие свикана само откако Бугарите ќе бидат внесени во Уставот.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button