
За прв пат оваа година, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска ќе се сретнат во Брисел како дел од дијалогот за нормализација на односите.
Средбата на лидерите како дел од дијалогот ќе се одржи во моментот кога истекува мандатот на европските претставници откако речиси пет години се ангажирани во процесот на нормализирање на односите.
Жозеп Борел ќе ја извршува функцијата шеф на европската дипломатија до есен. Оваа недела ќе се знае кој ќе го наследи. Мирослав Лајчак е назначен за амбасадор на Европската Унија во Швајцарија, но ќе дејствува како посредник во дијалогот додека не се најде негова замена.
Најверојатно ова ќе биде последната средба од дијалогот чиј домаќин е Борел. Никој од ЕУ нема големи очекувања за средбата во среда. Со оваа средба европската страна сака да покаже дека дијалогот не е мртов.
Се што очекува ЕУ од лидерите на Србија и Косово е да ја потврдат посветеноста на договорите постигнати минатата година во Брисел и Охрид. Без разлика на недостигот на потписи, од ЕУ нагласуваат дека договорите се правно обврзувачки за двете страни.