Во Гостивар хаос, дупки и прашина на улицата кон Чајле

Улицата Чајле во Гостивар почна да се репарира пред два месеца, но оттогаш, сè уште не е асфалтирана. Жителите се жалат дека ги уништуваат автомобилите во отворените дупки и бараат одговор од надлежните зошто работите не се завршени. По овој пат поминуваат илјадници автомобили од селата Чегране, Форино, Чајле и други.
„Вака е веќе три месеци, можете сами да видите. Ќе се оштетат автомобилите додека да го поправат до следните избори. Институциите треба да го видат ова, имаме проблеми со прашината, но најмногу со дупките. Ќе почекаме да дојдат избори и се надеваме дека ќе се среди.“
„Автомобилите ни се расипаа. Се знае дека ова прави штета.“
„Кој нè гледа нас? Никој. Не нè сметаат заживи. Прашината нè уби. Погледнете сами, прашината нè уништи и нас, не само автомобилите“, реагираат жителите.
Од Јавното претпријатие „Македонија пат“ денеска немаа што да кажат околу доцнењето зошто се доцни со санацијата. Одговор ќе ни дале следната недела. Инаку, селата Чајле, Форино и дел од Чегране, имаат проблем не само со овој руиниран пат, туку и со немањето на канализација.
Башким Сулејмани