Во градинките во Тетово недостасува кадар

Поради недостиг од воспитувачки, негувателки и технички персонал, во градинките во Тетово им е загрозено функционирањето. Раководителите на градинките велат дека поради недостиг на кадар, услугата може да не биде толку квалитетна. Од Министерството за труд и социјална политика, биле побарани 30-тина вработувања, но одговор не добиле.
„Невозможно е со оваа бројка на вработени да обезбедиме ефикасни услуги за нашите деца. Ние како институција се обративме до Министерството за труд и социјална политика, да бидат заменети вработените кои заминале во пензија и оние кои имаат прекин, но до денес не добивме одговор. Најголема е потребата од негувателки, но и воспитувачи и технички персонал. Чистењето на објектите го вршат вработени, а по бројот што го имаме не можат соодветно да се одржуваат објектите“, вели Фатлинда Јаја Директор на детската градинка „Риниа“ Тетово.
Барање за решение е поднесено и до Советот на општина Тетово. Првиот човек на Советот вели дека ќе се разгледуваат правните чекори, а не е исклучено и да протестираат.
„Во сите градинки всушност има недостиг на кадар за непречено одвивање на процесот, како готвачи, негувателки итн. Но, на барањето што го доставија од градинката, Министерството не најде решение. Сега поднеле барање до нас за согласност. Доколку повторно не се даде согласност за овие вработувања, тогаш можеби ќе има други форми на координација да се направи протест или барање во други демократски форми што ги имаме“, вели Бесар Дурмиши Претседател на општинскиот совет Тетово.
Во сите градинки на Тетово згрижени се над илјада деца, додека на листа на чекање има над 150 деца, кои поради немање кадар не се примени во градинки.
Башким Сулејмани