Во Хрватска во близината на Славонски Брод тешка сообраќајна несреќа

Десет лица загинаа, а над 40 се повредени од кои 15 – мина потешко во страотната сообраќајна несреќа што се случи кај Славонски Брод во Хрватска. Меѓу тешко повредените е и едно девојче.
Автобус со косовски регистарски таблички, кој се движел на реалција Франфурт – Приштина, излетал од автопатот и се превртел.
Според началникот на сообраќајната полиција во Славонски Брод, дојава за несреќата добиле околу 6 часот и 20 минути утрово.
„Оваа несреќа, како што гледате и самите, е навистина тешка. Мислам дека влегува во редот на најтешки несреќи на кои сум бил.“
Хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, изјави дека во автобусот имало 67 патници и двајца возачи. 42 лица се хоспитализирани во болницата во Славонски Брод, а две во Нова Градишка.
„Имаме и 15 тешко повредени. Тројца се на операција. Останатите се на дијагностичка обработка. Можно е уште некој од нив да добие дијагноза со тешки телесни повреди. Сè е возможно. Напоменувам дека во несреќата учествувале 15 малолетници од кои едно девојче е потешко повреденo.“
Раководителот на хрватската цивилна заштита, Дамир Труд, изјави дека меѓу десетте загинати е и еден од возачите кој во моментот не управувал со автобусот. Обвинителството од Славонски Брод го завршило увидот на местото на несреќата. Констатирано е дека автобусот е на косовската компанија „Дева Турс“. Возачот, кој во моментот на несреќата го возел автобусот, е приведен на самото место и ќе му биде поднесена пријава. Тој во полиција признал дека возејќи задремал.
„Уапсен е поради сомненија за сторено кривични дела против безбедноста во сообраќајот со тешки последици.“
– Дали се точни тврдењата дека признал дека заспал?
„Според информациите кои ги имам од самото место, неговите тврдења се такви, но и натаму ќе се утврдува.“
Неофицијално, тој го презел управувањето со автобусот на граничниот премин Брегана, меѓу Словенија и Хрватска, а од Франкфурт до таму возел неговиот колега кој настрада во несреќата.
Alsat