Во Кипар 12 случаи на мутираниот вирус, сите заразени дошле од Велика Британија

Кипар откри 12 случаи на новиот тип на вирусот корона кај луѓе кои неодамна пристигнале од Велика Британија, соопшти денеска Министерството за здравство.
Од 19 позитивни тестови извршени врз луѓе кои пристигнале од Велика Британија помеѓу 6 и 20 декември, кипарските власти утврдиле дека 12 се позитивни за новата варијанта, пренесува Ројтерс.
Новата мутација на вирусот, која сега се шири низ целиот свет, за прв пат е пронајдена во Велика Британија и е позаразна од оригиналната варијанта на вирусот, кој беше идентификуван за прв пат во Кина пред една година.
Уште една варијанта на коронавирусот неодамна е откриена во Јужна Африка.
Кипар објави нагло зголемување на случаите со ковид-19 во последните три недели, кога повремено беа регистрирани и до 600 на ден. Од избувнувањето на епидемијата, која за првпат се појави на Кипар на почетокот на март, до 2 јануари, 23.445 лица се заразени, а 129 починаа.