Во ковид центрите се лекуваат вкупно 194 пациенти, слободни се 530 болнички кревети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 194 и има околу 530 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти денеска Министерството за здравство.
На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 123 пациенти сомнителни и потврдени за Ковид-19, а во главниот град 71 лице.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани пет нови пациенти. Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ имало еден прием. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало два примени пациенти и пет биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени тројца оздравени пациенти. Според податоците на МЗ, во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат десет пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 23 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 37 пациенти.Голем дел од пациентите сместени во ковид центрите во Скопје се на кислородна поддршка.
-Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 80 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места, се вели во соопштението од МЗ.