ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Македонија нема дефиниција што значи подарок за службено лице

Државата нема механизми за задолжителна идентификација и контрола на подароците кои избраните и именувани лица ги добиваат од бизнисмени со кои се среќаваат, па затоа препораките на Европската Унија и ГРЕКО се ова прашање да се реши. Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска призна дека засега ниту еден од функционерите не пријавил подарок кој чини повеќе од 20 евра, како што е пропишано во Етичкиот кодекс за министрите. Скапите подароци, услуги и други добра се основа за корупција и договарање зделки меѓу бизнисот и функционерите.

Advertisements

ЕУ усвои нови правила, според кои, комесарите не можат да прифаќаат подароци, услуги или добра во износ повеќе од 150 евра. Во случај тоа да се случи, должни се да го достават до секторот за протокол кој изготвува јавен регистар за подарокот и идентитетот на дарителот.

Сегашната легислатива кај нас нема јасна дефиниција што значи подарок за службено лице. Се споменуваат само подвижни или недвижни предмети, но не и гостопримство и други бенефиции.

Од кабинетот на Грковска ја подготвуваат основата на законското решение со кое велат дека ќе биде дефиниран и овој дел. Анализата подготвена од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) сугерира дека како подарок треба да се смета секој предмет во готова форма, стока, право или која било услуга дадена бесплатно или со помала вредност од нивната комерцијална вредност. Ова вклучува понуди за гостопримство, храна, пијалоци, патни трошоци, сместување и други трошоци.

Според ИФЕС, законското решение за пријавување на овие подароци треба да ги вклучи лицата на кои им се доверени највисоките функции, нивните семејства и најблиските соработници. Законот треба да дефинира и кое тело ќе биде задолжено за да води регистар на подароци.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button