ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во многу општини ќе нема свежи кандидати за градоначалници, остануваат „фараоните“

Се чини дека партиите не го чекаат рокот за објавување на кандидати за градоначалници и советници. Од СДСМ велат дека веќе одлучиле за 35 имиња, меѓу кои е потврдена и ре-кандидатурата на Петре Шилегов за Град Скопје, на Борче Георгиевски за Гази Баба и уште неколку имиња. Од СДСМ најавуваат дека наскоро ќе го завршат процесот за објавување на сите кандидатури.

Advertisements

„Очекуваме да ги имаме сите кандидати до крајот на август. Имаме транспарентна, отворена процедура, дури и за луѓе кои не се членови на партијата“, рекоа од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ сè уште ги нема официјализирано кандидатурите, освен онаа на Борче Јовевски, кого во еден од своите говори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски го спомена како иден кандидат за градоначалник на Прилеп.

„Роковите ќе бидат запазени и сите имиња ќе бидат официјално објавени кога ќе поминат низ партиските филтри“, кажаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од албанските партии, ДУИ вели дека веќе одлучиле за 19 кандидатури. Висар Ганиу повторно ќе биде кандидиран во Чаир, Хекуран Дука во Дебар, Еркан Арифи во Липково, Рамиз Мерко во Струга и Блерим Беџети во Сарај.
„Особено во општините Чаир, Кичево, Гостивар, Тетово, спроведовме многу обемни анкети со 1.000 испитаници за секоја од овие општини и тоа не само еднаш, туку неколку пати и излегува дека кандидатите што граѓаните најмногу ги поддржуваат се Фатмир Дехари за Кичево, Невзат Бејта за Гостивар и Теута Арифи за општина Тетово“, рече Артан Груби, ДУИ.

Од Алијанса за Албанците велат дека во моментот преостанатите кандидати на актуелните градоначалници со кои раководи оваа партија остануваат, како во Гостивар Арбен Таравари, во Боговиње Албион Џемалили и Врапчиште Исен Шабани.

„Во сите општини правиме детални проценки, консултации со сите локални и централни структури, како и со повеќе кандидати, со единствена цел да избереме идни општински лидери кои ќе бидат прифатливи за огромното мнозинство и кои ќе успеат да ги извлечат албанските општините од злосторствата во кои се наоѓаат денес“, рекоа од Алијанса за Албанците.

Инаку, ДИК веќе ги усвои роковите за изборниот процес за локалните избори на 17 октомври. Партиите имаат рок до 11 септември да ги достават имињата на кандидатите за градоначалници и за општински советници.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button