Во ниту едно основно училиште во Охрид и Струга нема логопед

Во ниту едно основно училиште во Струга нема логопед, односно стручен работник кој се грижи за говорот на децата. Оние кои имаат потреба од тоа ги праќаат во Охрид. Слична е ситуацијата и во детската градинка во Струга, каде на околу илјада дечиња има само еден логопед. Шклќим Алиу наставник со повеќе од 30 години работен стаж, вели дека проблемот со говорот е сè поприсутен кај најмладите.
„Проблемот со логопедите, како кај нас, така и во руралните училишта е голем. Гледаме дека во нашето училиште со 1.120 ученици има потреба од логопед, не само сега, туку и порано. Во секое трето одделение од генерацијата можно е да има деца со пречки во говорот. Децата од прво одделение ги забележуваме дека имаат логопедски проблеми…“, изјави Шклќим Алиу-наставник во ОУ Браќа Миладиновци Струга.
И во Охрид на 43 групи со дечиња, распределени во вкупно девет објекти во детската градинка, има само еден логопед. Нема ниту еден во основните училишта.
„Во нашата градинка имаме примено логопед-дефектолог и педагог, но тие се малку за овој број на деца. Бројот на деца со попреченост се зголемува сè повеќе во градинките…. Во сите групи има деца кои имаат проблеми со изговор“, рече Розе Костеска-воспитувачка во детска градинка Охрид.
Наставникот Алиу вели, општините, министерствата за образование и финансии треба да се заложат, да обезбедат пари за прием на логопеди секаде каде што има потреба, бидејќи вели, стручниот кадар сè побрзо заминува надвор од државата.
Мики Трајковски