Во Охрид до година ќе се распише нов оглас за концесионери на плажите

Охрид ќе остане без најатрактивните плажи. Ќе бидат вратени во првобитна состојба, затоа што објектите ќе бидат отстранети, а до март наредната година ќе биде распишан нов оглас за концесионери. Се планира да се издаваат под далеку построги критериуми. Сегашните концесионери стопанисуваат на диво, затоа што им се истечени договорите. На дел од крајбрежјето во иднина повеќе нема ни да има плажи.
„Ќе продолжиме со отстранување на делот од плажите кои се во опфатот на Генералниот урбанистички план…. Прво ќе пристапиме да отстраниме се она што се наоѓа во вода. Знам дека дел од тие објекти се убави и репрезентативни и навистина е штета што треба да се отстранат и да се врати земјиштето во првобитна состојба. Не постои правна рамка како ние да ги легализираме тие објекти, па потоа да го издаваме земјиштето на друг сопственик кога објектот не е наш“, вели Константин Ѓеорѓиески – градоначалник на Охрид.
Ваквите најави доаѓаат по четири месечен застој на акцијата за отстранување на бесправните градби. Градоначалникот се правда дека немаат пари во буџетот, но и оти тешко се наоѓале фирми за уривање. Сега ја очекува најавената помош од државата во висина од шест милиони денари. Ќе продолжи да се урива на потегот кај туристичката населба Свети Стефан. Но, граѓанските активисти не се големи оптимисти.
„Според кажувањата на градските татковци, изготвен е список на дивоградби, кои сѐ уште не го видел денот и не е објавен јавно. Мислам дека сето тоа е некаква политика во смисол на ќе направиме, за ден два, за ден два, а еве помина година и пол. Оваа година не се одржа конференцијата на УНЕСКО во Кина. Но, мислам дека и Охрид и Албанија, ќе беа жестоко критикувани поради непреземањето на никакви активности од сите 10 – 15 забелешки, кои беа ставени, а не се реализирани“, вели Трајче Талески, „Охрид СОС“.
За разлика од Охрид, во соседна Струга, ситуацијата е статус кво. Градоначалникот Рамиз Мерко, на неколку пати досега изјавуваше дека во градот нема нелегални градби на самото крајбрежје и покрај тоа што, статистиката во општината вели дека поднесени биле 3.300 барања за легализација на бесправно изградени објекти на целата територија. Тамошните власти, се повикуваат на Уставниот суд, кој донесе времена забрана за примена на одлуката на техничката Влада, за враќање на плажите на охридско – струшкото крајбрежје во првобитна состојба. Во Охрид бројот на диви градби во заштитениот појас е 409.
Мики Трајковски