ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Охрид и Струга сѐ повеќе адвокати, а работа се помалку

Во Охрид и Струга сѐ повеќе адвокати, а работа се помалку

Иако се мал пазар, во Охрид и Струга има енормно голем број адвокати. Нивниот број е поголем од 200. Во Охрид работат 150, а во Струга 65. На ниво на цела држава бројот на адвокати е дури 5.000. Охридскиот адвокат, Владо Чингоски вели дека тоа е резултат на високото образование во државата, каде се дозволи да се акредитираат многу приватни универзитети кои продуцираат голем број правници.

„Во Македонија има 22 правни факултети каде има хипер-продукција на правници. Каде да одат тие? Сите одат во адвокати…“, изјави Владо Чингоски-адвокат.

Чингоски вели дека наспроти ова, работа има сè помалку. Со измените на Законот за трговски друштва и Законот за работни односи, стопанските спорови веќе речиси и да ги нема.

„…И работните спорови се сведени на минимум. Со договорите за работа кои може да се на еден месец, три месеци, шест месеци и работгните спорови станаа реткост. Може да одите во судот во Охрид да видите ходниците се празни“, рече Владо Чингоски-адвокат.

Најбројни во моментот се прекршочните пријави, како што се оние за нарушување на јавниот ред и мир и сообраќајните незгоди, кои се случуваат секојдневно. А, додека врие од адвокати, судовите низ земјата се соочуваат со недостиг на судии. На пример, охридскиот суд кој треба да има 20 судии, сега има само 10. Струшкиот основен суд остана само со четворица постојано ангажирани судии од предвидените 15, заедно со претседателот на судот. Едно од решенијата, велат правниците е да се направи сериозна ревизија на високото образование и целосно нова концепција во правосудството.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button