ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Охрид на плажа како во стариот црно-бел филм „Долго топло лето…“

Топлото време ги полни плажите на Охридското крајбрежје. Но, за разлика од ланската година, најголем дел од плажите оваа туристичка сезона се слободни за користење. Не се наплаќа за лежалки, нема музика, нема угостителски објекти. На поголем дел од плажите каде во изминатиот период беа отстранети нелегални објекти е поставен песок, засадени се нови дрвја, поставени се клупи, подвижни тоалети и соблекувални.

Advertisements

„За тие плажи ќе се грижи општина Охрид преку ЈП Охридски комуналец. Тие се задолжени за овие места да ги чистат и уредуваат плажите за да се во добра состојба за посетителите на крајбрежјето. Секојдневно ќе се чистат и верувам дека акцијата ќе се одвива континуирано.“, рече Томе Џамтоски-општина Охрид.

„Јавното претпријатие пристапи кон уредување на вегетацијата на тие плажи. Во моментов, се поставени соодветни пластични контејнери за комунален отпад кој ќе се создава на тие плажи, покрај патиштата се поставени 120 литарски контејнери. Нашите вработени во прва и втора смена ќе ги празнат, а се засадуваат и дрвја“, изјави Љупчо Грданоски, Директор на јавно претпријатие Охридски комуналец

На дел од крајбрежјето сè уште се отстрануваат платформи изградени во водите на Охридското езеро. Градоначалникот Ѓеорѓиески вели дека активностите течат плански.

„Моментално се работи на потегот од Каналот Студенчишта до месноста Парк, каде се врши отстранување на платформите поставени во вода, а исто така и во месноста Далјан…“, истакна Константин Ѓеорѓиески, Градоначалник на Охрид.

Од општината најавуваат дека од следната година со плажите ќе се управува поинаку. Имено, планот е да се поставуваат монтажни објекти, односно типизирани дрвени шанкови со логото на општина Охрид. Тие ќе се издаваат секоја година на јавни наддавања. Во исто време, во Струга работат сите угостителски објекти на плажите. Беа отстранети само неколку платформи кои беа поставени во езерската вода. Инаку и овие плажи, исто како што беше случајот и со охридските, со години имаат истечени концесии.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button