Во Охрид вчера беше избегната поголема катастрофа, откако се запали и целосно изгоре глисер, а зафати уште два други
Во Охрид вчера беше избегната поголема катастрофа, откако се запали и целосно изгоре глисер, а зафати уште два други

Пеплосаниот глисер кој вчера се запали во Охридското Езеро, а уште два други беа зафатени, говори за поголема катастрофа која можеше да се случи, а која за влакно беше избегната. Настанот се случи во каналот Студенчишта, каде во отсуство на т.н марина се паркираат стотина чамци, глисери, катамарани. Тие се паркираат од двете страни на каналот збиени еден до друг.
„Има ли Охрид безбедни услови за паркирање на пловни објекти? Моментално никаков.По цело езеро паркирани, усидрени секаде“, рече Димитри Чекреџи-сопственик на кајче.
„Во никој случај. Збиеноста е најголемиот проблем. На бродот мој му треба поголем простор и треба да правиш повеќе маневри за да излезеш и да почнеш да работиш“, додаде Зоран Анѓелоски-сопственик на брод .
Пред секои избори охриѓани слушаат ветувања, за изградба на марина, а во меѓувреме се што се прави на овој план е чиста импровизација, па најголем дел од пловилата се паркираат во каналот. Таму се точи гориво, се вршат поправки. Тоа носи и опасности од несакани последици како вчерашниот инцидент.
„Не само што тоа не се остварува, не само што тоа ни го ветуваат години наназад, разни кандидати за градоначалници, туку и ова што е не го одржуваат. Нема каде да ставиме гориво, нема безбедносна служба која ќе ни гарантира дека никој нема да укради нешто од пловните објекти и многу други аномалии кои се случуваат во самиот канал,затоа што тоа не е прописна марина, туку е импровизација која се искористи за да се наплаќаат средства од сите нас кои имаме пловни објекти“, нагласи Зоран Анѓелоски-сопственик на брод.
„Не верувам дека ќе направат за долго време и внуците мои и правнуци нема тоа да го доживеаат.Го прочитав договорот во кој стои гориво да не смеам да ставам таму. Каде да ставам. Дали има некоја модерна бензинска пумпа, за да не правиме вакви будалии како што се запаливме вчера. Тоа може и мене да ми се случи. Има сега модерни марини со пумпи, но ние немаме ни марина ни пумпи“, рече Димитри Чекреџи-сопственик на кајче.
Од Министерството за транспорт и врски до овој момент не одговорија на прашањето на Алсат, дали е во план изградба на марина и кога би почнала нејзината градба. Во охридската капетанија се регистирани 3269 пловни објекти, од кои поголемиот дел пловат низ Охридското Езеро./Алсат.мк
Мики Трајковски