Во охридската гимназија нема паралелка на албански јазик
Во охридската гимназија нема паралелка на албански јазик

Учениците Албанци од Охрид, кои завршуваат основно образование, нема каде да го продолжат средното образование на својот мајчин јазик, во родниот град. Тоа е така затоа што во ниту едно од средните училишта, нема паралеки со настава на албански наставен јазик. Затоа тие се принудени да патуваат до Струга, или пак настава да следат на македонски јазик, во Охрид. Годинава на 26 основци ќе им биде ускратено тоа право. Од гимназијата Свети Климент Охридски велат дека интерес нема и затоа немало ниту конкурс за отварање на гимназиска паралелка на албански.
„Нема интерес..Ние како институтиција секогаш стоиме на располагање и сме во корелација со основното училиште Братство и единство и еднакво ја промовираме гимназијата пред сите паралелки“, рече Светлана Велковска- директорка на гиманзија Охрид.
Родителите велат сите досегашни иницијативи за отварање на ваква паралелка пропаднале.
„Имаше неколку пати иницијативи од наставниците за отварање на паралелка на албански во Охрид во гимназијата, но државата не даваше механизми да се отвори паралелка на албански и децата се принудени да го продолжат средното школо во Струга“, рече Есат Арслан- родител и граѓански активист.
Загрижува и фактот што последните неколку години се намалува бројот на ученици Албанци, кои завршуваат основно образование во училиштето „Братство и единство“ во Охрид, како единствено каде настава се изведува и на албански.
„Ако генерациите се движеле околу 30 ученици по генерација, особено последните генерации беа 16 или 23 ученици претходната година. Оваа година имавме 14 новозапишани ученици во прво одделение на албански наставен јазик, а имавме 34 полуматуранти во учебната 2022/2023. Тоа е директен пад од околу 20 ученици“, нагласи Џемал Мехмед-директор на ОУ Братство и единство-Охрид.
Во Електро-машинскиот училишен центар во Охрид на конкурсите кои се распишуваат се предвидуваат и две албански паралелки, но последните години интересот беше помал и затоа и овде никогаш не беше отворена паралелка на албански јазик./Алсат.мк
Мики Трајковски