ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во општина Тетово расправа за парцелите на „Шик Јелак“

Јавна расправа во општина Тетово за ревизија на урбанистичкиот план за блок 57 А, попознат како парцелата на Шик Јелак што му беше продадена на контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ. Првиот човек на општината, Биљал Касами рече дека по завршување на расправата ќе се одлучува за понатамошните чекори, односно дали ќе има или не укинување на одлуката.

Advertisements

„Во оваа расправа и наредните денови во текот на целата процедура треба да ги земеме предвид сите аспекти на иницијативите, што значи финансискиот аспект, формално-правниот и аспектот на јавниот интерес. Ние како општина тргнуваме првично да го штитиме јавниот интерес, но секогаш не заборавајќи ја формално-правната димензија и земајќи го предвид финансискиот аспект. Нашата цел е да го заштитиме јавниот интерес во овој детален урбанистички план“, рече Касами.

Невладиниот сектор се изјасни против овој детален урбанистички план, со образложение дека градот со сегашната инфраструктура е пренатрупан.

„Важно е, не само преку јавни консултации, туку и преку работа и експертски групи да се оцени и да се одлучи на која страна и како ќе се шири градот. Не се работи само за Шик Јелак, туку има и други згради кои се изградени и не се вклучени во процесот на децентрализација. Мислам дека протестите се секогаш опција како последна демократска алатка во рацете на граѓаните. Но, верувам дека е важно да се води сметка за интересот на граѓаните пред некои бизнис-групи“, рече Аријанит Џафери- Еко Герила.

Согласно измените на деталниот урбанистички план што има врска со поранешната фабрика Шик Јелак, се предвидува овој дел да се трансформира во урбан блок за изградба на станови и трговски центар. Ова предизвика бројни реакции кај дел од партиите и граѓанскиот сектор. Во меѓувреме, според информации на Алсат, парцелата веќе има нов сопственик и инвеститор.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button