Во ОУ „Тодор Јанев“ почна наставата по албански за учениците од прво одделение

Во основното училиште „Тодор Јанев“ општина Чашка во Велес започна наставата по албански за учениците од прво одделение. Веста за Алсат ја потврди директорот на Државниот просветен инспекторат Халит Ферати, кој појасни дека наставата се одвива без пречки за сите ученици без разлика на етничката припадност.
Две недели не се одржуваше настава во ова училиште поради протести на родителите Македонци кои се спротивставија на отворањето на албанската паралела. Министерот за образование и директорот на просветниот инспекторат ја обвинија македонската опозиција дека ги организира протестите во училишниот двор.
„Проблемот за ова парарелка не е предизвикан од жителите, туку од политички партии. Тоа се луѓе на политичките партии почнувајќи од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица, и за ова имам факти и аргументи со фотографии, донесени се и луѓе од Велес. Сакам да истакнам дека знам кои се организаторите на протестот по име и презиме. Главните луѓе на политичките партии не се појавуваат јавно, но тие се организатори на целиот протест, почнувајќи од лица вработени во општината.Ниту полицијата не си ја врши работата како што треба бидејќи нивните колеги се организатори на нередот во таа институција“, рече Халит Ферати, директор на Државниот просветен инспекторат.
За обвинувањата на директорот Ферати добивме одговор од МВР и ВМРО ДПМНЕ. Секторот за внатрешни работи соопшти дека денеска директорката заедно со наставнииците побарале полициска асистенција за да влезат во училишната зграда. ВМРО ДПМНЕ, пак, го оправдува револтот на македонските жители на Чашка. „Причината поради која се раѓа револт кај жителите на населеното место Чашка (станува збор за населено место, а не општина Чашка) е поради тоа што во ова населено место нема жители од други етнички заедници, освен Македонци, а во сите населени места во општина Чашка каде што има други етнички заедници наставата се одржува на јазикот кои го говорат етничките заедници“ велат од ВМРО ДПМНЕ.
Мелихате Рустеми