Во петок средба Мицкоски – Пендаровски за евентуално повторно судење за „27 април“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во петок ќе се сретне со шефот на државата Стево Пендаровски по неговите ставови за можно повторно судење на веќе осудените за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Страните се согласија дека ваква средба е потребна откако претходно по барање на Мицкоски имало телефонски разговор меѓу двајцата. Со ова на некој начин ВМРО-ДПМНЕ ги одмрзнува односите со Пендаровски кои беа заладени уште лани летото откако шефот на државата му го додели на Заев мандатот за повторно да формира Влада.
Извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не бараат милост и амнестија за осудените за насилството во Собранието, туку инсистираат случајот да не се третира како „тероризам“. Според ВМРО, тие треба да одговараат за насилен упад во Законодавниот дом и за насилство. Опозициската партија очекува претседателот да ја искористи својата власт за да го актуелизира прашањето.
Местото и времето на средбата ќе ги утврди Кабинетот на Претседателот. Ова ќе биде средба во четири очи без присуство на други политички претставници.
Пендаровски пред неколку дена рече дека казните за „27 април“ се високи и оти ако некој приложи нови докази предметот може повторно да се суди.
Кривичниот суд осуди 16 лица на вкупно 211 години затвор, додека Апелација казните ги намали на кумулативни 188 години. Паралелно, судењето против наводните организатори на насилниот упад сè уште трае. На средбата со Пендаровски, од ВМРО велат дека ќе се отвори и дискусијата и за актуелната политичка и економска состојба во земјава.
Fatlume Dervishi