ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во понеделник одлука дали Кичеец пред време ќе излезе од затвор

Зад затворени врати, далеку од очите на јавноста тројца судии-кривичари денеска заседаваа дали осуденикот во случајот „Рекет“, Зоран Милевски – Кичеец, пред време да излезе на слобода. Дали тоа ќе се случи, ќе се знае в понеделник, велат од Кривичниот суд. Тој призна вина и доби три години затвор, казна која почна да ја служи во септември 2020 во Струга. Шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, која работеше на случајот „Рекет“ во изјава за Алсат рече дека лично смета оти е рано Кичеец да излезе од затвор.

Advertisements

„Доколку судот ја уважи молбата за уважен отпуст или не ја уважи, ние ја добиваме судската пресуда. И сега во делот ако ја уважил, ако сметаме дека е предолг рокот на условен отпуст, како обвинителство вложуваме жалба до Апелациониот суд во Скопје и во најголем број од случаите, Апелациониот суд ги прифаќа нашите жалби, кога сметаме дека пробацискиот период е подолг од колку што треба…, рече Русковска.

– Дали би сакале како обвинителство кое го гонеше, тој да биде на слобода?

„Јас сигурно не“, одговори Русковска.

Милевски молбата за порано да излезе од затвор ја базира на одлежување на законскиот минимум од една третина од досудениот период. Во случајот „Рекет“, тоа е една година. Инаку, Кичеец пред само два дена се спогоди со Обвинителството и доби казна од шест месеци затвор за друго дело. Станува збор за сообраќајката кај Стража што се случи во септември, кога претекнувајќи на полна линија, директно удри во друго возило и едно лице загина. Тоа го стори додека бил на лекарско отсуство.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button