ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во последните две години, одгледувачите на цреши претрпеа големи загуби

Во последните две години, одгледувачите на цреши претрпеа големи загуби

Ибрахим Фејзулаху од Тетово со години приходот го обезбедуваше од црешите, но последниве две години бележи само загуби. Лошото време и ниските температури, како минатата година, така и годинава, му ги уништија сите цреши и кајсии. Загубата ја проценува на околу 20 илјади евра.

Advertisements

„Имам триста стебла, ништо не преживеа од студот. Студот ги уништи сите, не остана ниту еден цвет. Од овие 300 стебла сум добивал некогаш 15, некогаш 12 тони, зависно од приносот. И сум ги продавал, сум имал приходи за да преживеам, но годинава студот, лани градот – и еве, скоро сме во колапс. Веќе две години немам ниту еден денар приход од црешите“, рече Ибрахим Фејзулаху, земјоделец.

Фејзулаху ја пријавил штетата во Општина Тетово и очекува да добие помош, бидејќи, како што вели, без поддршка од општината и без субвенции кои не се исплаќаат, ќе мора целосно да се откаже од оваа работа.

„Четири-пет пати во годината треба прскање, едно прскање чини 300-350 евра, зависно од хемикалиите. Ако ни помогне општината или Владата – добро би било, ако не, ќе го оставиме сето ова и толку. Ќе одиме пред општина да бараме работа. Со што друго да живееме? Ако не ни помогнат, ќе се откажеме, затоа што немаме приходи да го одржуваме. Немаме веќе сила. И субвенциите – некогаш ни ги даваат, некогаш не. Ни тие не се редовни. Требаше во март да ги пуштат, затоа што тогаш ни требаат за семето, а не кога ќе им текне. Што ќе ни требаат во сред лето?“, додаде Ибрахим Фејзулаху, земјоделец.

Општина Тетово сè уште нема формирано комисија за обесштетување, но ветуваат дека ќе им помогнат преку општинскиот совет.

„Поради тоа што е мал бројот на земјоделци кои побараа обесштетување, не може да се формира посебна комисија за овие земјоделци. Затоа, на наредната седница на советот, врз основа на можностите што ги имаме како општина, ќе им помогнеме преку финансиска помош што ќе ја додели советот“, рече Албион Аљили, портпарол на Општина Тетово.

Инаку, ниту Општина Тетово ниту Владата сè уште ги немаат обесштетено ниту 500-те земјоделци кои минатата година претрпеа штети од градот, поради што поголемиот дел од нив годинава воопшто и не ги засеале своите ниви./Алсат.мк

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button