Во септември Македонија очекува околу 850 милиони евра од ЕУ

Утре и задутре во Црна Гора ќе се кројат деталите како да се трошат предвидените шест милијарди евра на Европската Унија наменети за земјите од Западен Балкан. Европската Комисија веќе ги одобри парите, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди се поволни заеми. Траншата на средствата е условена со спроведување реформи, а зацртаната цел е да се формира заеднички пазар на Западен Балкан.
„Планот за раст нема да успее ако регионот не работи како едно, зашто заедничкиот регионален пазар е во сржта. Нема пристап до пазарот на ЕУ, ако нема заеднички регионален пазар, но јасно е дека целиот Западен Балкан, сите земји, на крајот на денот ќе станат членки на Европската Унија и тие треба да имаат однос една кон друга исто како што сега имаме меѓу постоечките членки во Унијата“, рече Оливер Вархеји – еврокомесар за проширување.
Македонија, на владина седница, веќе ја усвои првичната верзија на реформската агенда која ја предлага, за да може да ги повлече првите средства. Траншата се очекува да се случи во септември и тоа би биле првите седум проценти од вкупно 850 милиони евра наменети за земјава. Приоритетите кои ги презема Македонија со реформската агенда се однесуваат на реформи во јавната администрација и управување со јавните финансии, дигиталната, енергетска и зелена транзиција, деловното окружување и владеењето на правото.
Со постепената интеграција во ЕУ, преку Планот за раст, предвидени се и директни придобивки за граѓаните, како бесплатна интернет мрежа на јавни простори, пристап до Европската платежна област – СЕПА, зелени ленти на граничните премини, вклучување во европските центри за дигитални иновации, како и вклучување во медицинските набавки на ЕУ.
Делегацијата од земјава ќе ја предводат техничкиот премиер и првиот вицепремиер, Талат Џафери и Бојан Маричиќ. Присутни ќе бидат и косовскио премиер Албин Курти, српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на БиХ, Борјана Кришто, албанскиот премиер Еди Рама. Освен Вархеји, на средбата ќе учествува и Џејмс О’Брајан, помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД.
Лука Андреев