Во септември одлука дали за „Монструм“ ќе има ново судење

„Не очекувам милост, туку правда“, рече Агим Исмаиловиќ, осуден на доживотен затвор во случајот „Монструм“ на последното рочиште во Врховниот суд пред конечната одлука дали овој предмет ќе биде повторно вратен на судење или не. Адвокатот Насер Рауфи рече дека и покрај тоа што Обвинителството не изгледа кооперативно и сака да ги отфрли жалбите, има голем број сведоштва дека случајот е целосно монтиран.
„Очекуваме овој пат Врховниот суд да го врати предметот бидејќи во судењата досега имавме плус точка како одбрана и како осудени, што беше референца на групата вештаци, каде практично тие констатираа дека овие вештачења што се направени се фалсификувани. Ова го имаме од групата вештаци, а не од страна на одбраната. Меѓу другото, нешто многу клучно и важно, оваа група констатира дека немале наредба од истражен судија за преземање докази, односно нешто невидено досега“, рече Рауфи.
Рауфи додаде дека испитувањата по овој предмет се извршени спротивно на законските одредби и не можат да имаат правна вредност, па затоа побара доколку предметот се врати на повторно судење, испитувањата да ги направат меѓународни експерти. Рауфи заедно со другите од одбраната се пожалија дека им било скратено правото на јавна расправа во Апелациониот суд, а обвинителот Љубомир Јовевски во изјави за медиумите ја нарушил презумпцијата на невиност со прогласување за виновни, уште пред да биде соопштена пресудата. Судот на почетокот на денешната седница ги извести странките дека е одбиена жалбата на адвокатите на осудените за изземање на двајца членови на судечкиот совет, а Обвинителството ги отфрли изјавите на адвокатите на одбраната, нагласувајќи дека убиствата биле извршени со цел да предизвикаат чувство на несигурност и страв кај граѓаните.
Случајот „Монструм“ првично беше вратен на ново судење во 2017 година. Вкупно 5 лица се прогласени за виновни за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, од кои двајца се во бегство во Косово беа осудени на доживотен затвор за тероризам. Фејзи Азири е осуден на 15 години затвор за помагање, додека Хаки Азири за истото дело доби 9 години. Обвинетиот Сами Љута беше ослободен од обвинението.
Ардит Рамадани