Во Скопје протест поради загадениот воздух

Со транспаренти на кои пишува „Воздухот ни е отров, власта ни е глува“, „Партиска книшка штити од загадување“ голем број граќани излегоа на протест поради загадувањето во главниот град.
Од иницијативата „Зелен хуман град“ велат дека институциите се уште не одговориле на нивните барања, а имаат четири барања за борба против загадувањето на воздухот во Скопје.
Ова е втор протест годинава против загадувањето на воздухот во Скопје. Првиот протестен марш беше на 10 декември, додека на овој протест, за разлика од минатите, се одзваа поголем број граѓани.
„Очекувам институциите да одговорат соодветно и да почнат да го решаваат проблемот со загадувањето и да не остане само на „Ќе“, зборот „Ќе“ повеќе не поминува“…
„Обрнете повеќе внимание на овој проблем бидејќи не сите остануваме дома и сме „океј“ со она што се случува. Секој ден има се повеќе болни од загадувањето и не сме го прифатиле проблемот таков каков што е“, рекоа граѓаните.
Според иницијативата „Зелен хуман град“, загадениот воздух сериозно го загрозува здравјето, особено на новороденчињата, додавајќи дека околу 3.000 лица го губат животот секоја година поради загадувањето на воздухот каде 11,6% од смртните случаи во нашата земја се поврзани со загадувањето на воздухот.
Авни Тахири