ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Собранието почнаа интервјуа на кандидатите за новиот состав на Антикорупциската комисија

42 кандидати се на списокот кандидати за нови членови на ДКСК. Комисијата која ги ќе ги испрашува и избира кандидатите ја сочинуваат претставник од канцеларијата на Народниот правобранител, од Македонскиот центар за меѓународна соработка, член на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор, член на Советот за соработка меѓу Владата и Секторот за медиуми, тројца пратеници на мнозинството и двајца на опозицијата. Меѓу кандидатите се актуелниот член на ДИК предложен од СДСМ Борис Кондарко, судијката Славица Андреевска и новинарот Даут Даути. При интервјуирањето дел од кандидатите ја нагласија институционалната соработка меѓу истражните органи за да биде ефикасна работата на Антикорупција.

За претседател може да биде избрано лице кое е државјанин на Северна Македонија и кое живее во земјата, има високо образование од областа на правните науки или од областа на политичките, комуникациските или економските науки. Потребно е минимум десет години работно искуство, од кои осум години да работат во сектори за откривање или спречување на корупција, владеење на правото или добро владеење.

Останатите кандидати треба да имаат шестгодишна активност во областите поврзани со откривање на корупција. Ниту претседателот, ниту членовите не можат да бидат пратеници, челнови на Владата, ниту донатори или функционери во која било политичка партија.

На досегашните членови на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемси Салаи, мандатот им истекува на 7 февруари следната година и немаат право на реизбор. Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари следната година.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button