Во Собранието седници почнале во 2020 година, а уште не завршиле

Ниту власта, ниту опозицијата не преземаат одговорност за застојот на работата на десетици седници во Собранието. Двете страни велат дека се редовни во работата на законодавецот и меѓусебно се обвинуваат како главна причина за попречување на работата.
Вчера Собранието поради немање кворум не можеше ниту да го изгласа дневниот ред. Пред пратениците требаше да се најде законот за зголемување на пензиите. Петмина пратеници од мнозинството не беа во салата, а опозицијата во знак на револт ја напушти седницата. На овој начин не беа избрани ниту пратениците кои ќе ја пополнат комисијата за избори и именувања, која треба да ги пополни испразнетите места во другите собраниски комисии.
Пратениците и од власта и од опозицијата, кои го презедоа претседавањето со комисиите, одбиваат да свикаат седници и да продолжат понатаму со законите кои се во застој. Ова резултира со 21 незавршена пленарна седница, од вкупно 67. Некои од нив се заглавени уште од 2020 година.
Фатлуме Дервиши