Во Собранието заврши расправата за разрешување на Беким Сали, но гласањето ќе биде дополнително

Собранието доцна синоќа го заокружи претресот по предлогот за разрешување на министерот за здравство Беким Сали, во рамки на првата точка од 104. седница за Предлогот за реконструкција на Владата, но, како што најави потпретседателот на законодавниот дом Горан Мисовски, ќе се гласа дополнително. Десетина минути пред полноќ Мисовски констатираше дека повеќе нема услови за работа и ја прекина седницата, а продолжението ќе биде дополнително закажано.
Откако констатираше дека е исцрпена листата на говорници за разрешување на Сали и најави дополнително гласање Мисовски ја отвори расправата по предлогот да биде разрешен Адмирим Алити од министер за информатичко општество и администрација. Алити не ја искористи можноста да се изјасни околу предлогот за негово разрешување.