Во Софија средби меѓу експерти од двете МНР-а за политичките прашања

Дефинираните позиции за македонската засебност и посебен културно-јазичен идентитет остануваат непроменети, уверува премиерот Димитар Ковачевски. Тој повтори дека при преговорите со Бугарија нема да се отстапува од идентитетските црвени линии, додавајќи дека опозициската декларација за Гоце Делчев е неприфатлива.
„Недозволиво и неприфатливо е било која политичка партија да генерира низок и евтин политички маркетинг и лажен патриотизам. За мене, за сите наши предци и поколенија нема дилема дека Гоце Делчев е еден од столбовите на македонската борба за самостојна и независна држава“, вели Димитар Ковачевски – претседател на Влада.
Од друга страна, одговарајќи на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека не би го предал Делчев, дури и по цена на евроинтеграцијата.
„Ако ме прашувате мене, кога јас би бил премиер и кога би требало да одлучувам дали да го променам Уставот и да го сменам идентитетот за да влезам таму каде што вие велите дека требало да влеземе, во НАТО и ЕУ, ќе ви дадам одговор – не, немаше тоа да го направам“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
И додека двете најголеми партии преку медиумите се обвинуваат дали се преговара за идентитетот, ниту еден пратеник од мнозинството или опозицијата, не се појавил во МНР за да ги провери т.н. „нон-пејпери“ со Софија. ВМРО-ДПМНЕ нема да ја прифати поканата на Бујар Османи.
„Јас не гледав како можеше така дрско, доаѓајќи тука, веднаш да ни каже „повелете, дојдете“ и тоа нагласи „секој поединечно кај мене во канцеларија“ и така ќе ни ги покажел тие „нон-пејпер“ документи. Крајно несериозно и неевропски“, наведе Дафина Стојановска – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Секако, кога ќе има конкретна информација би сакале сите пратеници да ја слушнеме и ќе ја имаме и ние како пратеници таа информација, затоа што ни е достапна…“, вели Даниела Колева – пратеник на СДСМ.
Денеска и утре во Софија се одржуваат средби меѓу експерти од двете министерства за надворешни работи. На маса се отворените политички прашања, односно говорот на омраза, рехабилитација на жртвите од комунизмот, внесување на Бугарите во уставот на државава, немешање во внатрешните работи и работата на историската комисија.
Лука Андреев