ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Струга закажан прв школски час „по музичко“, специјален гостин – градоначалникот!

По речиси три недели задоцнување ќе започне учебната година во новоформираното општинско основно музичко училиште во Струга. На стартот на учебната година ќе се појават градоначалникот и министерот за информатичко општество Јетон Шаќири. Родителите преку вибер добиле известување дека претходно закажаните часови за 20 и 21 септември се одложуваат. Наместо тоа, тие ќе се одржат утре и тоа не наутро, туку во 18 часот. Денеска во Алсат родители реагираа за ваквите случувања во училиштето. Велат – им се чини дека станува збор мешање на политиката во образованието. Не сакаа да зборуваат во камера за евентуално нивните деца потоа да не трпат последици во наставата.

„Добивме порака во понеделникот дека во понеделник почнува тој свечен час на отворање на музичкото училиште. Потоа, сопругата доби порака дека се одложува за среда бидејќи градоначалникот го има во агендата да го отвори училиштето. Тоа е класична злоупотреба на децата. Ние фамилијарно одлучивме заедно со сопругата и со ќерката да не учествуваме на првиот час, затоа што се чувствуваме изманипулирани….“, вели еден родител.

Според агендата, се планира градоначалникот и Шаќири да одржат поздравни говори пред децата, родителите и наставниците. Инаку, станува збор за околу 100 запишани деца. Алсат праша во училиштето зошто три недели се доцни со почетокот на наставата? Директорот вели – доцна завршиле процедурите за запишување на училиштето во Централниот регистар.

„Задоволство ми е што за прв пат во Струга отвораме музичко училиште и утре ни е свеченоста. Јас не можев да го заобиколам основачот. Затоа утре ќе биде присутен и градоначалникот, како основач на училиштето и министерот за информатичко општество, кој ќе ги предаде нормативните акти на училиштето…“, изјави Алтин Зиба-директор на музичко училиште во Струга.

Од Министерството за образование само кратко одговорија дека активностите на функционерите пред и за време на изборниот период се уредени со Изборниот законик. За фактот дека наставата во ова училиште ќе почне со доцнење од три недели – немаа коментар.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button