Во Струшко сѐ помалку првачиња, годинава запишани 77 првачиња помалку

Дури 77 првачиња помалку од септември ќе седнат во единаесетте струшките основни училишта во однос на лани, односно сега ќе има вкупно 471 прваче. Тоа значи дека ќе има пет до шест паралелки помалку. Најлоша е ситуацијата во училиштата кои гравитираат околу селото Делогожда.
„Во Централното основно училиште во Делогожда запишани се 7 првачиња, а лани имало 19. Во селото Ливада лани 18, а сега има само 2 првачиња. Во селото Поум има само едно прваче, а во Џепин нема да учи ниту едно. Во селото Корошишта, ако минатата година се запишале 9, сега се запишани 7“, велат од училиштето во Делгожда.
Од училиштето во Делогожда за Алсат велат дека според нивните списоци бројот на деца кои требало да се запишат во прво одделение бил поголем. Причина за ваквата состојба велат е поради заминувањата во странство. Џеми Хајредини, познавач на приликите во образовниот систем во Струга, вели дека на ваквата состојба влијаат повеќе фактори, како што се иселувањето, понискиот наталитет, но и лошите економски прилики.
„Ова почна пред 10 години, во учебната година 2010-2011, кога имавме 6.500 ученици, а во средното образование имавме над 3.000. Вкупно имавме околу 10.000 ученици, а денеска имаме околу 6.000 ученици. Значи разликата е 4.000 ученици помалку во основното и средното образование. Имаме постојан пад во секоја учебна година“, вели Џеми Хајредини, експерт за образовни прашања.
Има многу примери кога ученици се отпишуваат среде учебната година поради заминување во странство.
„Имаме многу такви случаи. Во секое училиште имаме по 5 – 6 случаи кои се трансферираат од едно во друго школо надвор од државата…“, додава Хајредини.
И во најголемото основно училиште во градот, „Браќа Миладиновци“, има пад на бројот на првачиња. Лани се запишале 84 во наставата на албански јазик, а годинава тој број е 66. Намалувања има и во паралелките со настава на македонски и на турски јазик. Најстабилна е состојбата во селата Радолишта, каде од ланските 36, сега има 65 првачиња и во Велешта, каде од 33 лани, годинава се запишале 36.
Мики Трајковски