Во тек е дебатата за законските измени за безбедноста во сообраќајот
Во тек е дебатата за законските измени за безбедноста во сообраќајот

На платформата „ЕНЕР се објавени предлог-измените на законот за безбедност во сообраќајот, во кој покрај зголемување на казните, се регулира и користењето на безбедносни камери, а ќе има и нови казни за пешаци, велосипедисти, мотоциклисти и возачи на тротинети.
Покрај безбедносните камери кои се поставени на булеварите и крстосниците и кои ќе го регистрираат секое можно прекршување во сообраќајот, новина во законските измени има и за пешаците кои при преминување на крстосници не смеат да користат телефон, не смеат да користат смарт часовници, ниту слушалки. Овие правила важат и за корисниците на мотоцикли, велосипеди и тротинети.
За гореспоменатите прекршувања, за пешаците е предвидена казна од 40 евра, додека за возачите на тротинети, велосипеди и разни видови мотори – казна од 50 евра. За минување на црвено, покрај паричната казна, ќе се изрекува и забрана за управување со возило, од три до дванаесет месеци. Граѓаните велат дека овие законски измени требаше да бидат донесени многу порано.
„Тие со мотори, со тротинети возат невнимателно, влегуваат цик-цак меѓу автомобилите, ама и возачите со автомобили – и тие.
Вие сте возач?
Да, таксист сум.
Што најмногу ви пречи во сообраќајот?
Најмногу ми пречат моторите.
Зошто, што прават?
Влегуваат помеѓу возилата не ги гледаш од каде доаѓаат, од двете страни“, рече еден граѓанин.
Со законските измени, од 1 јануари 2026 година, во функција ќе бидат ставени и безбедносните камери кои автоматски ќе фотографираат и снимаат. Со снимање се подразбира постојан надзор на јавни места, а снимки ќе се прават и со специјално опремени возила на МВР. Снимениот материјал во полиција ќе се чува шест месеци, по што ќе се уништува, освен ако материјалот е потребен и за во кривична постапка. Казните за утврдените прекршоци ќе се испраќаат со СМС порака, а ќе може да се платат електронски преку линкот што ќе биде испратен со пораката.
Ако сторителот не ја прифати прекршочната казна, има право во рок од 8 дена документите што ги добил со известувањето да ги достави до надлежен суд, каде што истите ќе служат како барање за покренување на прекршочна постапка. Доколку сопственикот на возилото не го управувал возилото во моментот на сторување на прекршокот, должен е во рок од 8 дена да даде податоцитза идентитетот на лицето на кое му го отстапил возилото. Ова може да го направи во полициска станица, заедно со лицето што го сторило прекршокот, или сам. Доколку некое лице преземе вина за прекршок што не го сторило, ќе биде казнето со парична казна од 500 евра./Алсат.мк
Зекирија Хаџиу